Свадби нема да има до 15 мај, а потоа се зависи од Kомисијата за заразни болести

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи ја отфрла можноста во овој момент да се дозволи организирање свадби во земјава и порачува дека актуелните протоколи за работа на угостителските објекти важат до 15 мај, кога ќе се ревидираат согласно препораките од Комисијата за здравство.

– Во овој момент очите се свртени кон Комисијата за здравство и тоа ни е единствената точка според која ги носиме економските одлуки. Со последната одлука на Владата им дозволивме на угостителските објекти кои се категоризирани за организирање настани да работат под истите услови како што работат и сите други угостителски објекти, а тоа е да работат на отворени тераси и според протоколите. Вчера зборувавме за евентуално дополнително прилагодување на протоколите за работа на оваа категорија на угостители –  рече Битиќи на прес конференција на Хидросистемот Злетовица.

Тој , како што рече, се надева дека здравствената криза полека ќе спласне и ќе се намали притисокот кај здравствените работници и дури тогаш ќе може да зборуваме дали полека ќе се вратиме во нормалност.