Политиката кон азиланти од страна на официјален Берн е поуспешна отколку онаа на ЕУ, изјави Леа Вертхајмер, портпарол на швајцарската државна секретарка за интеграција Симонете Сомаруге.
Нашиот удел во приемот на бегалци се намалува во споредба со ЕУ, истакна Вертхајмер, нагласувајќи дека од 2012 година во Швајцарија се намалува бројот на баратели азил, додека истовремено се зголемува во соседните Австрија и Германија.
Таа тврди дека експерти од државниот секретаријат во Берн ги анализираат причините за ова намалување. Стратегијата на третманот кон азиланти се сменила.
За државјаните од земји кои важат за безбедни држави воведовме забрзана постапка. За само 48 часа е се решено, ја објаснува Вертхајмер новата стратегија.
Покрај тоа Швајцарија на барателите азил и во забрзаната постапка им овозможува бесплатни правни совети, преку кои бегалците се информираат коректно околу шансите за добивање азил.
Криза со мигранти во ЕУ: Германија преплавена, Австрија со ултиматум
По економските кризи, во ЕУ во подем е нова, криза со мигранти. Во Германија годинава драстично е зголемен бројот на имигранти и досега изнесува 360.000 лица, а се очекува дека годинава околу 800 илјади лица ќе побараат азил.
Поради огромниот бран на новопристигнати мигранти потребно е повеќе време за поднесување на молби за азил. До крајот на јули беа поднесени 218.221 молби, што е зголемување за приближно 125 проценти, се наведува во соопштението на германското Министерство за внатрешни работи.
Германија е најпосакувана европска дестинација и прва на удар на т.н. криза на мигрантите. Дури 43 проценти од вкупно 400.000 поднесени молби за азил во Европа до крајот на јуни отпаѓаат на оваа земја.
Инаку, во моментов околу 45.000 мигранти во Германија се сместени во привремени домови додека чекаат дали ќе им биде одобрен азил, а за 100.000 до 150.000 луѓе недостига сместување.