Сведоштво на заболен од Ковид-19: Не е доволно на пациентите да им се даде само кревет!

Профилот на Фејсбук на Митко Керамитчиев сподели искуство на пријател, кој преживеал многу лошо искуство со корона вирусот и со здравството во Македонија, а нема свој профил на социјалната мрежа.

„Имам 59 години, стар скопјанец. Од првиот ден верував во сериозноста на пандемијата. Тоа што, поради краен конзервативизам и неверување во ништо официјално (иако сме процентуално најрелигиозен народ во Европа) дел од нашиот народ не верува(ше) во ковид-19, ме вадеше од кожа и ме срамеше. За мене, ова, заедно со недисциплината, е очигледна причина зошто, на сите полиња, сме таму каде што сме (освен во фудбалот?).

Бев еден од ретките кои СЕКОГАШ носеше маска на работното место. Но, работам во т.н. важна институција во која повеќето колеги сметаат дека се од „Господ дадени“ и не мораат да носат маски. И, како што обично бидува, тој што најмногу се пази – се заразува (иако немам никаков доказ од кого и кога се заразив – како 80% од новите случаи). Мантрата – пратење контакти, кластери… умре сама од себе! Неспроведливо. Шестиот ден од појавувањето на симптомите бев телефонски контактиран од студент по медицина, кого многу повеќе го интересираа моите симптоми, отколку моите контакти во последните 10 дена. Се разбира, јас самиот ги известив сите со кои контактирав и мислам дека секој треба да го стори тоа.
Симптомите се појавија кај мене и кај сопругата во саботата, на 24 октомври – температура од околу 37,5 степени. Во понеделникот, на 26 октомври приватно се тестиравме (зарем некој сѐ уште чека упат од матичен лекар, со денови?) и до крајот на денот го добивме очекуваниот резултат – обајцата позитивни. Веднаш ја известивме нашата матична докторка (една од ретките позитивни ликови во приказнава) и почна стандардната рутина: сумамед, парацетамол и борба со сѐ повисоката температура. Мојата сопруга имаше поблаги симптоми, така што од тука ќе го раскажувам само моето искуство.
Температурата постојано растеше, до 39 степени – повеќе не помагаа андоли, парацетамоли (сумамедот – сигурно не!), така што живеев за земање на нов бруфен – на секои 6 часови… кој сѐ пократко делуваше. Матичната докторка професионално се јавуваше секој ден, но чаре немаше. Петтиот ден решив приватно да направам рентген и детална крвна слика во клиниката „Жан Митрев“. Согласно протоколите се јавив во Полиција да ги известам дека ќе го напуштам домот и покрај Решението за изолација. Одговорот беше „Добро бе дечко, оди каде сакаш, со среќа“… Ни име, ни презиме… Нејсе… Јас си знам како извозев до таму…
Иако имав термин, чекав (околу 19 часот) ред со 20-тина пациенти кои се тестираа за ковид-19. Со 39 степени температура, издржав два часа пред вратите на Клиниката, за да добијам рентген снимка на која се гледа воспаление на двете белодробни крила, а и крвната слика беше лоша. Тоа беше пресвртниот момент. Работата стануваше сериозна (имам коморбидитети). Целиот викенд јас, моето семејство и матичната докторка, го поминавме во барање место на Инфективна клиника, „8 Септември“… НЕМАШЕ. Во понеделник, на 2 ноември, матичната организираше посета на Брза помош дома. Младите доктори ме прегледаа, констатираа дека морам во болница, но нема каде… После многу јавувања (фаќање врски?)… се најде место во тукушто отворениот ковид-19 центар Институтот за белодробни заболувања. Веднаш, со Брзата помош, ротациони светла и сирени бев префрлен таму. Спас? Не! Состојбата во Институтот беше ХАОТИЧНА. Немање персонал, некоординација, незаинтересираност. Имав висока температура, и, иако бев примен во 10 часот, првата инфузија ја примив на полноќ. Очајна „храна“ (сите оброци – прастар кроасан и јогурт), валкано, депресивно.Температура мереа две млади сестри кои меѓу себе си зборуваа на својот мајчин јазик, а висината на температурата ја кажуваа само доколку ги прашаш на македонски. И, ЗА СИТЕ ТЕМПЕРАТУРАТА БЕШЕ 33 (ТРИЕСЕТ и ТРИ) СТЕПЕНИ. Пациентите се побунија, но младите сестри останаа на својот став.

Се водеше битка за портабл машините за кислородна поддршка, така што после полноќ, мојата машина беше земена од пациент кој мислеше дека му е попотребна… Дарвин на дело.
Кога некој пациент си заминеше, терапијата остануваше иста за оној кој легнал во истиот кревет, со образложение: Мене така ми пишува на ливчево… Хаос без крај…
Иако постојат многу стереотипи за нивото на понижувањата кое може да гo поднесе просечен Македонец, овој пат настаните ме направија горд. Во еден момент, на 3. ноември, четворица пациенти од собата број 4 рекоа ДОСТА Е! Не трпиме веќе вакви понижувања! Ова е губење време. И си заминаа. Голем поздрав за Ѓорѓи, Киро и особено 88-годишниот Јосиф – храбрите бунтовници.
И самиот донесов иста одлука… Доколку нема место во „нормалните“ јавно-здравствени институции, ќе заминам во приватна (можам да си го дозволам тоа). Никогаш нема да го заборавам моментот кога во собата влезе доктор во скафандер кој ме повика да го следам… Спасот наречен СИСТИНА!Службеничката кај која потпишав дека заминувам, тивко ми рече „Паметно! И јас не би останала тука!“

Повторно ротациони светла, сирени (СИСТИНА солено го наплаќа и ова), но овој пат дестинацијата беше ВАУ. Во споредба со претходното, јас се најдов во Four Seasons Hotel. Ме најадоа, ми дадоа секаков вид инфузии, инјекции, таблети (така беше сите 8 дена) и веќе следниот ден бев подобар.
Не сакам да правам пропаганда за никого, ниту да ја коментирам цената, но НЕ ЗГРЕШИВ. Дури и да не успеев да преживеам заминувањето ќе беше достоинствено (а, пациенти фатално завршуваа и во Систина, како и секаде).
Сега сум дома, полека закрепнувам, но дишењето е отежнато, лесно се заморувам. Претходните 6 месеци секојдневно возев велосипед од 50 до 100 км секој ден, што можеби ме спаси. Работите, веројатно никогаш нема да бидат исти, за жал. Психичките лузни се сосема друга работа.
За крај порака до челниците на нашиот здравствен систем:
НЕ Е ВООПШТО ДОВОЛНО НА ПАЦИЕНТИТЕ ДА ИМ СЕ ДАДЕ КРЕВЕТ. Не е доволно еднаш во 6 часа пациентите да ги подгледнуваат ПРИУЧЕНИ доктори-инфектолози, епидемиолози или сестри, кои всушност се ендокринолози, нефролози, уролози…
Не е исто да тренираш во ФК „Барселона“ или во „Хоризонт“ Турново. Едноставно, шансите да се преживее на Клиниката за инфектологија или дури „8 Септември“ се многу поголеми од сите новоформирани сателитски ковид-19 центри. Да не зборувам за очајните услови во центрите во внатрешноста. Приватните болници се друга приказна…
Јавното здравство, сепак, доживеа колапс. 30-те години невложување во здравството сега излезе на виделина. Ќе треба многу, многу време да се вратиме на јавно-здравственото ниво од 1990 година. Ама, еднаш мора да се почне.“