Еден очаен сириски бегалец открива како пливал седум часи и покрај големите бранови и масивни струења за да стигне од Грција во Турција, пишува британски „Индепендент“.
Амеер Мехтр појаснува дека немал доволно пари за да им плати на криумчарите за да го пренесат во Европа откако тој и неговото семејство го загубиле домот и останале без пари поради војната во нивната земја.
Со оглед на тоа што претходно тренирал со сирискиот национален пливачки тим во Дамаск, Мехтр сфатил дека единствената шанса за почеток на нов живот во ЕУ била да го преплива растојанието од Турција до грчкиот остров Самос.
Бегалецот неколку месеци претходно се подготвувал за потфатот, на брегот во Бејрут, Либан, каде побегнал од Сирија во мај.
Во септември годинава конено бил подготвен за да преплива, откако претходно добро ги проучил картите на Егејското море и ја утврдил најкратката рута помеѓу Турција и Самос.
Јас не сум единствениот што тргнал на овој пат, има уште многумина што пливале, вели тој.
Тој во близина на турскиот град Гузелкамили тргнал на пат. Претходно, како што изјавува, повеќе од еден час бегал од турската полиција која на брегот била во потрага по криумчари на луѓе. Иако веќе бил уморен тој тргнал да преплива до Турција, а со себе понел само костим за капење, капа, очила и штипка за нос.
Со себе понел само неколку лични предмети, меѓу кои телефон и компјутерски чипови на кои имало фотографии од неговото семејство, а нив ги носел околу појасот.
Секој миг мислев дека ќе умрам. Но продолжив. Гледав во карпите пред мене и мислев: „Ова е мојата иднина“, вели тој за Сандеј Тајмс од центарот за азил во Шведска каде е сместен во моментов.
Сепак, тој на крај стигнал до Самос, каде беше фотографиран како триумфално стои на брегот со раширени раце и голема насмевка на неговото лице. Но, ова сеуште не е крај на неговото патување.
Оттаму пешачел уште 15-тина километри за да се регистрира како бегалец. Потоа живеел во камповите за бегалци и патувал во возови преполни со мигранти за да стаса до Шведска, каде живее во моментов.
Тој е сместен во центар за азиланти, а тврди дека неговата приказна не е единствена. Како што вели, многу луѓе пливале, а тој лично со голем број од нив ги споделил информациите што самиот ги добил додека се подготвувал за патувањето.