Свештеник од Риека призна дека сексуално злоставувал 13 момчиња, па побара да му простат

Свештеникот и поранешен ректор на Католичкиот богословски факултет во Риека, Милан Шпехар, денеска призна дека сексуално злоставувал 13 момчиња на возраст од шест до 13 години.

„Никој не е виновен за моите злосторства, ниту соучесник. Ги извршив и ужасно ми е жал за жртвите на моите зли дела. Не ми останува ништо друго освен да побарам од дното на душата да простат тие и нивните најблиски, ако воопшто е можно, за сите рани што им ги нанесов“, изјави Шпехар за „Национал“ откако риечкиот надбискуп Мате Узиниќ вчера на прес-конференција објави дека обвинетиот М.Ш. (70), во текот на канонскиот процес, признал дека сексуално злоставувал вкупно 13 момчиња.

Шпехар додал дека „притиснат од товарот на совеста, побарал од папата да го ослободи од свештеничката титула и да го сведе на лаик“, пренесува Index.hr.