Светот ја очекува одлуката на Трамп, Иран подготвен на најлошото сценарио

Иран нема да остане пасивен доколку американскиот претседател Доналд Трамп се одлучи да го напушти меѓународниот нуклеарен договор и е подготвен за најлошото можно сценарио, порачаа во вторникот високи ирански функционери, неколку часови пред во Вашингтон да биде објавена одлуката за овој договор на Техеран и шесте светски сили од 2015 година.

„Нема да биде во американски интерес доколку Заедничкиот сеопфатен план за акција (Joint Comprehensive Plan of Action – JCPOA – што е официјален назив на иранскиот нуклеарен договор – з.р.) пропадне поради нивната офанзива… Доколку САД започнат судир со Иран нема да останеме пасивни“, предупреди Али Шахмани, секретар на Врховниот совет за национална безбедност на Иран.

Заменикот командант на иранската Револуционерна гарда, Хосеин Салами, истакна дека Иран не се плаши од американските санкции или напади.

„Нашите непријатели, вклучително и Америка, ционистичкиот режим (Израел – з.р.) и нивните сојузници во регионот, треба да знаат дека Иран е подготвен на најлошото можно сценарио и закани“, го цитира агенцијата Fars генералот Салами.

Републиканскиот лидер на комитетот за надворешна политика на американскиот Претставнички дом, Ед Ројс, во вторникот истакна дека САД треба да продолжат да ги исправаат грешките во тој договор и силно да го имплементираат, но не и да се повлечат од него. Ројс истакна дека неговото напуштање не би ги вратило парите испратени на иранската влада или ќе ги поттикне сојузниците да започнат да се занимаваат со „опасните активности“ на Техеран.

„Стравувам дека повлекувањето всушност би ги влошило напорите“, соопшти републиканецот Ројс.

Европските сили се за зачувување на договорот

Француските, британските, германските и функционерите на Европската унија и Иран во вторникот расправаат во Брисел за договорот, открива за Reuters германски неименуван извор.

„Со седмици сме во близок контакт, особено со Е3 партнерите (Германија, Франција и Велика Британија – з.р.), од работно до министерско ниво. Следните денови ќе биде важно и да се продолжи да се разговара со сите страни за да се избегне неконтролирана ескалација“, рекол германскиот функционер.

Трамп во вторникот попладнето по средноевропско време телефонски разговарал за иранскиот нуклеарен договор со францускиот претседател Емануел Макрон, а истакнат британски дипломат кој сакал да остане анонимен рекол дека Лондон е изразено песимистичен пред објавувањето на одлуката на американскиот претседател.

„За жал длабоко сме песимистични пред објавата на Трамп подоцна во текот на денот. Но, мораме да чекаме и да видиме што ќе каже вечерва. Нашата цел останува задржување и одржување на договорот. Ќе мора да почекам за да сфатиме кој е планот на САД околу нашата заедничка цел превенцијата Иран да добие нуклеарно оружје и реакцијата на нивното однесување во регионот“, рекол британскиот дипломат.

 

Одлуката во 20 часот

Вечерва по 20 часот по средноевропско време ќе се знае дали критиките на Трамп за споменатиот договор ќе останат само на зборови или ќе дојде до пресврт во американската дипломатија и тоа во едно од најважните прашања од надворешната политика во неговиот мандат. Трамп има официјален рок од 90 дена кој истекува во сабота на 12-ти мај, да го извести Конгресот за тоа дали Иран се придржува до договорот, според неговите оцени или повторно ќе воведе американски санкции, но се реши тоа да го стори неколку дена порано.

Во јануари, кога последен пат се решаваше за ова, Трамп не ги обнови санкциите против Иран, но предупреди дека тоа е последен пат доколку „не се исправат неколку катастрофални недостатоци“ од договорот потпишан во 2015 година во Виена.

Договорот меѓу Иран и шесте светски сили од кои петте постојани членки на Советот за безбедност при ОН – САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција плус Германија, ја ограничува иранската нуклеарна програма за збогатување на ураниумот за да не може да се дојде до ниво од кое лесно може да се произведе нуклеарно оружје како и да биде подложена на континуира и ненадејни инспекции од меѓународните експерти. За возврат беа укинати децениските економски меѓународни санкции против Иран, што започна да функционира од средината на јануари 2016 година.

 

Четири столба на проширениот договор

Европските партнери на Вашингтон се доследни во напорите да се сочува договорот, но во желбата да ги натераат САД да останат во него, подготвени се да разговараат за продолжување на договорот со нови обврски за Иран.

Станува збор за четири предлози: да се продолжи надзорот врз иранските нуклеарни активности и по истекување на договорот во 2025 година, во договорот да се вклучи и надзор врз иранската програма за развој на балистички проектили, да се ограничи иранското воено учество во регионот во војните во Сирија и Јемен, како и да се намали политичкото влијание на Техеран на Блискиот исток.

Откако Трамп во јануари го постави ултиматумот, американските и европските преговарачи се среќаваа повеќепати за да се обидат да изнајдат можни компромиси за опстанок на договорот.