Светска банка го промовираше во четвртокот 12-то издание од серијата извештаи за состојбата на економиите во земјите од Западен Балкан, при што беше истакнато дека причината за значителното забавување на економскиот раст годинава во Македонија се должи на политичката криза која негативно се одрази врз инвестициите
Проценките за Македонија во 2018 година е дека економскиот раст ќе изнесува 3,2 отсто, додека во 2019 година ќе порасне на 3,9 отсто. Светска банка ги коригираше проценките за годинава, па се очекува до крајот на декември економскиот раст да изнесува 1,5 проценти, што е понизок од 2016 кога изнесуваше 2,4 отсто. Со тоа земјава има најнизок раст во регионот. Веднаш по Македонија, на дното на листата е Србија со 2 отсто, што е за 0,8 процентни поени помалку од претходната година.
Причината за значителното забавување на економскиот раст годинава во земјава се должи на политичката криза која негативно се одрази врз инвестициите, е заклучокот во извештајот.
„Ние проектираме дека економијата ќе се зголеми на ниво од 3,5 проценти во период од 2018 – 2019 година, додека пак инвестициите и потрошувачката најверојатно ќе закрепнат сега кога е повторно воспоставена политичката стабилност“, вели Марко Мантованели, директор за Македонија и за Косово, во рамките на регионот на Европа и Централна Азија при Светска банка.
Со разрешувањето на политичката криза, главниот ризик со кој се соочува Македонија е поврзан со фискалната страна која може да ја загрози макроекономската стабилност и да ги подрие изгледите за раст, објаснуваат од Светската банка. Во извештајот потенцираат дека притисоците доаѓаат од високиот дефицит кој главно се должи на ниските приходи, сè поголемиот дефицит во пензискиот систем, повисоките плаќања на камати, како и акумулирање на заостанатите обврски.
Како препорака за избегнување на овој ризик се наведува спроведувањето на програма за кредибилна фискална консолидација која треба да донесе стабилизирање на јавниот долг и обновување на фискалните заштеди од потреси.
Се очекува јавниот долг до крајот на 2017 година да изнесува 48,7 отсто додека годинава фискалниот дефицит се проектира да се зголеми на 3 отсто од бруто домашниот прозивод (БДП). Според Светската банка, годишната инфлација се проектира на ниво од 0,9 отсто Приливот на странски инвестиции во наредната година Светска банка очекува да изнесува 3 отсто, а во 2019 година да изнесува 3,2 отсто од БДП. Според проекциите на Светската банка, во наредните две години се очекува раст на надворешниот долг и намалување на стапката за невработеност.
Македонија, како и регионот останува неповолна почва за стимулација на растот, поради структурата на трошењето. Тоа доаѓа од зголемените трошења за пензии и за социјална заштита на сметка на капиталните инвестиции и тоа остава малку простор за стимулација на економски раст. За да може да се очекува забрзување на економскиот раст, потребни се фискална консолидација и структурни реформи за подобрување на инвестициската клима, човечки капитал и ефикасноста на јавниот сектор, како и подобри политики на пазарот на труд, заклучуваат од Светската банка.
Доколку економскиот раст на Западниот Балкан продолжи со ова темпо, нивото на европските приходи ќе ги достигне за 60 години, но доколку земјите од регионот поработат на структурни реформи и го зголемат растот на 5 до 6 отстп, таквото приближување во приходите е можно да се намали на 20 години, изјавија од Светската банка. Според извештајот, шесте земји од Западниот Балкан во наредната година ќе забележат просечен раст од 3,3 отсто.