Погодена од војната во Украина и енергетската криза, Македонија се соочува со највисока инфлација досега, со што несразмерно се намалуваат реалните приходи на сиромашните, се наведува во редовниот есенски извештај за Западен Балкан што ја вклучува и Македонија. Со ограничен фискален простор, зголемен јавен долг и зголемени трошоци за финансирање, според Светска банка, фискалната поддршка треба да се насочи кон најранливите домаќинства и фирми.
Во исто време, затегнувањето на монетарната политика треба да постигне рамнотежа помеѓу сузбивање на инфлацијата и избегнување на забавена економска активност.
– Поддршката на Владата за енергетски ранливите групи е важен чекор во вистинска насока, но мерките треба да бидат насочени и временски ограничени за да се минимизираат фискалните ризици, рече Масимилијано Паолучи, директор на Светска банка за Македонија и Косово во својата видео-изјава објавена на презентацијата на извештајот во Скопје.
Според Паолучи, во исто време, и фокусот треба да продолжи да биде на долго-одложуваните структурни реформи за да се поттикне растот и да се отворат нови работни места.
Според извештајот, таквите реформи вклучуваат мерки за зголемување на нивото на пазарна конкуренција, отстранување на бариерите за влез на бизнисите, подобрување на задржувањето на реинвестирањето кај странските инвеститори, намалување на бариерите за учество на женската работна сила, подобрување на квалитетот на образованието и подигнување на стандардите за управување, вклучувајќи ја и дигитализацијата.
Тековната криза, исто така, ја истакнува важноста од забрзана зелена транзиција во регионот, подалеку од волатилните јаглеводороди кон почисто производство на електрична енергија, како и поеколошки модели на производство и потрошувачка, се вели во извештајот.
Во најновиот редовен економски извештај за Западен Балкан се оценува дека економската состојбата во сите шест економии на Западен Балкан и понатаму е под влијание на тековната војна во Украина и наглото зголемување на цените на енергијата, како и забавување на глобалниот раст. Овие кризи создаваат силни предизвици за регионот, и покрај подобро од очекуваниот раст од почетокот на годината.
Во првата половина на 2022 година економскиот раст предводен од приватната потрошувачка и инвестициите се покажа робустен надминувајќи ги очекувањата, Нивото на вработеност достигна историска највисоко ниво во неколку земји до средината на 2022 година, додека стапката на вработеност во регионот сега е во просек 46 проценти што е зголемување од три процентни поени во однос на средината на 2021 година. Сепак, според Светската банка, динамиката на раст сега започнува да забавува во пресрет на се поголемите предизвици. Повисоките цени на енергијата и храната ја турнаа инфлацијата на ниво незабележано со години намалувајќи ја куповната моќ и деловната доверба. Закрепнувањето на пазарот на трудот почна да забавува со послаба вработеност во услови на висока инфлација и зголемена неизвесност.
Сања Маџаревиќ – Сујстер, виш економист на Светска банка и главен автор на извештајот на денешната презентација во Скопје рече дека комбинацијата од шокови силно ја обременува перспективата на регионот.
– Затекнатите глобални услови за финансирање, забавувањето, како на домашното, така и на надворешната побарувачка, како и намалувањето на довербата на фирмите и потрошувачите секако ќе се одразат на финансискиот сектор во регионот, рече Маџаревиќ – Сујстер на прес-конференцијата во Скопје.