Светската трговска организација (СТО) ја намали прогнозата за раст на трговијата оваа година, поради војната во Украина, изјави извршната директорка Нгози Оконџо-Ивеала. Прогнозата е намалена од 4,7 на 2,5 отсто. Глобалната трговија е исто така попречена од тековните проблеми со синџирот на снабдување предизвикани од пандемијата на ковид-19.
Цените на храната ќе растат, предупреди шефицата на СТО во интервју за Би-би-си, објаснувајќи дека Русија и Украина сочинуваат само околу 2,5 отсто од светскиот извоз, но се „многу, многу важни во одредени сектори“. Исто така, таа предвиде тешки последици во глобалната економија, додавајќи дека недостигот и „ограничувањата на снабдувањето со храна“ особено тешко ќе ги погодат посиромашните земји.
Здруженијата на прехранбената индустрија предупредија дека ЕУ се соочува со недостиг од сончогледово масло. Украина сочинува речиси половина од глобалниот извоз, а Русија речиси 30 отсто, според С&П глобал. Но, извозот е попречен поради затворените пристаништа во Украина. „Навистина сум загрижена поради можен глад, особено во сиромашните земји“, каде што резервите на храна и онака се штури, предупреди Ивеала.
Користејќи ја Африка како пример, таа рече дека 35 од 55 африкански земји увезуваат пченица и други житарки од Русија и Украина, а 22 увезуваат ѓубриво.
Стравувањата дека војната во Украина и санкциите против Русија ќе предизвикаат прекини во снабдувањето со храна, ги зголемија и цените на другите суровини. Русија произведува голем број клучни суровини, со 40 отсто учество во глобалното производство на паладиум, неопходен за производство на автомобили.