Комората апелира на потребата од зголемување на свеста за ризикот од невакцинирање на домашните миленици со цел да се зголеми опфатот на вакцинација кој во овој момент, како што наведува, е незадоволителен и воедно повикува да се покаже посветеност и одлучност на општествената заедница во насока на обезбедување натамошна поддршка за елиминирање на беснилото – фатална болест и за животните и за човекот.
– Вакцинирањето против беснило на кучињата и мачките е законска обврска. Почнува на возраст од четири месеци, а е потполно безопасна за миленикот. Ревакцинација се врши еднаш годишно, потенцира Ветеринарната комора.
„Едуцирај, Вакцинирај, Елиминирај!“, е годинашното мото на Светскиот ден на борба против беснилото што почна да се одбележува од 2007 година на иницијатива на Светската здравствена организација кога бројот на земји беше 74. Денес бројката е повеќе од 125.
Датумот е одреден во чест на францускиот микробиолог Луј Пастер, кој ја развил првата вакцина против беснило, а починал на 28 Септември 1895 год.
Беснилото е опасна и смртоносна заразна болест кај многу животински видови и човекот, предизвикана од вирус, кој го напаѓа нервниот систем и е 100-процентно фатален кај невакцинираните единки. Го има на сите континенти, освен на Антарктикот, а во развиените земји е под контрола. Преку 90 отсто од смртните случаи се во Африка, Азија и Средниот Исток, каде вирусот е широко распространет. Според статистичките податоци, преку 3,3 милиони луѓе живеат со ризкот од беснило, а 59 илјади луѓе годишно умираат низ целиот свет (половина од тоа се деца под 15 годишна возраст).
Една од причините за зголемениот број жртви е ниската свест на сопствениците на животни за важноста на редовното вакцинирање против беснило.
На глобалниот состанок организиран од FAO, GARC, OIE и WHO во Женева минатиот декември, беше едногласно одлучено да се делува во остварување на целта, „0“ човечки жртви до 2030 година.