Светски шаховски рекорд на Норвежанецот Карлсен кој не знае за пораз во 101 партија

Норвешкиот шаховски велемајстор, Магнус Карлсен постави нов светски рекорд од 101 партија без пораз. Актуелниот планетарен шампион во претпоследното коло на турнирот на островот Ман, ремизира со Ерменецот Левон Аронјан и по 101 пат во низа остана непоразен на табла.

„Чувствував дека 100 е магична бројка. Никогаш не помислував дека ќе направам вакво нешто, но мора да признам дека имав и среќа“, изјави Карлсен по партијата со Аронјан.

Карлсен нема пораз во класична партија шах од 31 јули во 2018 година. Оттогаш минаа 447 дена во кои велемајсторот од Тонсберг забележа 33 победи и 68 ремија.

Претходниот рекорд од 100 партии без пораз на рангирани турнири беше сопственост на Кинезот Динг Лирен.