На најголемите светски берзи минатата седмица индексите достигнаа рекордни нивоа, што најмногу се должи на силниот раст на цените на акциите во технолошкиот сектор, особено на производителите на чипови.
На Волстрит, индексот Dow Jones минатата седмица зајакна 1,3 отсто, на 39.131 поен, додека S&P 500 скокна за 1,7 отсто, на 5.088 поени, а индексот Nasdaq порасна за 1,4 отсто, на 15.996 поени.
Новите рекорди на индексите Dow Jones и S&P 500 во голема мера се должат на еуфоријата на пазарот откако „Nvidia“ објави подобри од очекуваните приходи и заработка во последниот квартал од минатата година и процени дека нејзиниот приход силно ќе се зголеми во тековниот квартал.
Благодарение на ова, цената на акциите на производителот на чипови скокна за повеќе од 16 отсто во четвртокот, па пазарната вредност на компанијата се зголеми за 277 милијарди долари. Ова е најголемиот дневен скок на пазарната вредност на една компанија во историјата на Волстрит.
Благодарение на резултатите на „Nvidia“, кои покажуваат дека побарувачката на чипови со вештачка интелигенција е исклучително силна, пораснаа и цените на акциите на голем број други производители на чипови. Како резултат на тоа, индексот на секторот на производители на чипови скокна за 5 отсто за само еден ден и достигна рекордни нивоа.
Еуфоријата во врска со развојот на вештачката интелигенција позитивно се одрази и на другите сектори, па шпекулациите за тоа кога американската централна банка Federal Reserve (Fed) ќе почне да ги намалува каматните стапки минатата седмица останаа во втор план.
И додека некои аналитичари сметаат дека пазарот се уште има простор за раст, благодарение на динамиката на технолошкиот сектор, некои предупредуваат дека вреднувањата во тој сектор се исклучително високи, па може да следи надолна корекција на цените на акциите.
И на повеќето европски берзи цените на акциите пораснаа минатата седмица. Додуша, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,1 отсто, на 7.706 поени, но франкфуртски DAX скокна за 1,8 отсто, на 17.419 поени, а париски CAC за 2,5 отсто, на 7.966 поени.
За германскиот и францускиот индекс ова се највисоките нивоа во историјата, а рекордно ниво достигна и индексот STOXX 600 на водечките европски акции, кој минатата седмица зајакна 0,4 отсто.
Благодарение на силниот раст на Волстрит и на повеќето европски берзи, како и на рекордниот ценовен досег на акциите на берзата во Токио, индексот MSCI на сите најголеми светски берзи минатата седмица достигна рекордни нивоа.