СЗО ја повика Европа да вложи повеќе напори поради новиот сој на коронавирусот

Светската здравствена организација (СЗО – WHO) ја повика во четвртокот Европа посилно да реагира на „алармантната ситуација“ којашто ја предизвикува новиот позаразени сој на коронавирусот, а Франција објави дека се откриени две ризични групи.

„Ова е алармантна ситуација, што значи дека ќе мораме набрзо да преземеме посилни мерки отколку досега“, изјави директорот на одделот на СЗО за Европа, Ханс Клуге во текот на видео-конференција.

Веќе 22 од 53-те земји кои се водат во одделот на СЗО за Европа во кои е и Русија, досега пријавија случаи на зарази поврзани со овој нов сој, прецизираа од оваа агенција на Обединетите нации.

Во Европа официјално се потврдени повеќе од 26,7 милиони случаи на заразата и 603.000 починати од коронавирусот од почетокот на пандемијата, според податоците на СЗО.

Новиот сој постепено би можел да ги замени другите кои циркулираат во регионот на континентот, како што веќе е забележано во Велика Британија и во Данска.

Франција објави во четвртокот дека две „ризични групи“ се откриени на нејзината територија. Вкупно 19 случаи на заразата со новиот сој се потврдени во целата земја, како и уште три други случаи на сојот кој првично беше откриен во Јужноафриканската Република, прецизираше француското министерство за здравство.