СЗО ја предупредува Европа на „тешка“ есен со смртните исходи од Covid-19

Светската здравствена организација (СЗО – WHO) во понеделникот соопшти дека очекува раст на бројот на починатите од Covid-19 во Европа во текот на октомври и ноември, како и дека овие месеци кога станува збор за пандемијата ќе бидар „многу тешки“.

„Ќе стане многу потешко. Во октомври и ноември ќе станеме сведоци на раст на стапката на смртноста“, изјави Ханс Клуге, директор во европската филијала на СЗО.

Бројот на заразените со новиот коронавирус во Европа во последниот период е во голем раст, во 55 европски земји минатиот петок во еден ден беа забележани над 50.000 новозаразени. Меѓутоа дневниот број на смртните исходи е релативно стабилен.

Клуге, чијашто канцеларија е во Копенхаген, исто така, ги предупредува и оние кои сметаат дека со пронаоѓањето на вакцината против вирусот SARS-CoV-2 ќе дојде и крајот на пандемијата.

„Цело време ги слушам луѓето како зборуваат дека вакцината ќе го означи крајот на пандемијата. Секако дека нема“, вели функционерот на СЗО и појаснува дека сѐ уште никој не знае дали вакцината ќе биде ефикасна за целото светско население.

„Некои сигнали покажуваат дека вакцината ќе биде ефикасна за некои, но не и за сите“, објаснува Клуге кој по професија е лекар од Белгија.

Порача, исто така, дека пандемијата ќе заврши „во моментот кога, како заедница, ќе научиме да живееме со неа“. „А тоа зависи од нас и тоа е едно многу позитивна порака“, заклучи Клуге.