Светската здравствена организација (СЗО – WHO) го подигна нивото на опасност од коронавирус на „многу високо“. До палење на „црвен аларм“ доаѓа по проширување на болеста на сите континенти, освен на Антарктикот, а во меѓувреме уште осум држави ги пријавија првите случаи на заболени лица.
Во копнениот дел на Кина, без провинцијата Хубеи која е епицентар на епидемијата, во петокот беа пријавени само четири нов случаи, што е најмала бројка на заболени во еден ден, откако Националната здравствена комисија во јануари почна да објавува дневни извештаи. Во Хубеи, пак, се потврдени 423 случаи на коронавирус, од кои 420 во главниот град Вухан.
Бројот на смртни случаи во Италија се зголеми на 21, а нагорен тренд има и кај заболените – од 650 на 821. Вонредна состојба е прогласена на јапонскиот остров Хокаидо поради брзото ширење на болеста, а во земјата е евидентиран и првиот починат странски пациент. Станува збор за патник на крузер „Дајмонд Принцес“.
Тестовите за коронавирус потврдија 60 случаи во Германија, 57 во Франција, 32 во Шпанија додека прв случај е дијагностициран и во Мексико.
Ситуацијата во Кина е специфична. Дури и на деловни состаноци се оди со маски што се вадат само за време на разговорите. Властите водат истрага за појава на вирусот кој сè уште е нејасно како и каде настана, односно дали е настанат по органски пат или во лабораторија и како стигна до градот Вухан и провинцијата Хубеи.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун порача дека ќе има „сериозни последици“ доколку коронавирусот се прошири во земјата и повика на посилна заштита и спроведување на посилни антивирусни мерки. Тој апелира со здравствените штабови да го засилат мониторингот и тестовите со цел „да бидат запечатени сите канали и простори“ низ кои може да пробие вирусот. Според проценките на стручњаците, евентуална епидемија на коронавирус во Северна Кореја би можела да има срашни последици порадо недостатокот на санитетски материјал и лошата здравствена инфраструктура.
Од коронавирусот досега заболеа над 85.000 лица во светот, а нешто помалку од 2.900 починаа. Јужна Кореја е рекордер по бројот на заболени на азискиот континент надвор од Кина. Само во еден ден се потврдени нови 594 случаи што претставува најголем број на заразени во еден ден. Во земјата има 2,931 пациент со дијагностициран коронавирус.