Во Македонија не пристигнале заразени патници со корона вирусот. Ова го покажуваат досегашните проверки на скопскиот аеродром. Над 100 патници кои пристигнаа од Дубаи денеска поминаа низ термо камерата на аерoдромот, но ниту еден од нив не беше детектиран како сомнителен случај. Освен од Дубаи проверки веќе четврт ден се прават и на патниците кои доаѓаат од Истанбул.
Македонските здравствени власти тврдат дека се преземаат навремени мерки за рано откривање на вирусот.
„Ние се подговтвуваме доколку треба и веќе контактиравме со надлежните да бидеме спремни да добиеме и повеќе термо камери и повеќе материјали, заштитни скафандери и се што треба за да бидеме подговтвени доколку се случи, иако сега нема такво сценарио, но доколку треба да се засили контролата.“ – изјави Венко Филипче – Министер за здравство.
„Денеска е четврти ден како што ги имаме екипите тука и за среќа досега немаше никакви индикации. Сите патници беа без сипмтоми на вирусот.“ – изјави Арбен Зибери – Директор на Центар за јавно здравје – Скопје.
Засега термо-камери се превентивна мерка само на аеродром. Според министерството за здравство засега нема потреба од нив и на граничните премини.
И додека нашите надлежни смируваат, Комисијата за вонредни состојби на Светската здравствена организација денеска свика вонреден состанок, откако доби информација дека позитивни случаи на смртоносниот корона вирус се регистрирани во Финска и на Филипините. Комисијата денеска повторно ќе заседава, третпат оваа недела, за да процени дали новиот вирус што се шири од Кина претставува вонредна закана на меѓународно ниво и дали ќе се прогласи глобална епидемија.
„Одборот ќе го советува генералниот директор дали епидемијата претставува вонредна здравствена состојба на меѓународно ниво и кои препораки треба да се спроведат.“ – велат од Светската Здравствена Организација.
Корона вирусот го одложи светското првенство во атлетика кое требаше да се одржи следниот месец во Кина. Русија ја затвори границата со Кина, a повеќе земји ги изолираат во карантин своите државјани кои ги евакуираа од кинескиот град Вухан, од каде почна да се шири вирусот.
Само во последните 24 часа од корона вирусот починале 38 луѓе, а над 1 700 се ново заразени. Од смртните случаи, 37 се регистрирани кинескиот град Вухан кој е и епицентарот на појавата на вирусот. Досега од вирусот вкупно починаа 170 лица, а над 8 000 се заразија.