Пандемијата на ковид-19 не е ни близу до крајот, изјави денеска директорот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, на брифинг во Женева.
„Сите ние сакаме ова да заврши. Сите сакаме да продолжиме со нашите животи. Иако многу земји постигнаа напредок на глобално ниво, пандемијата всушност се забрзува, рече Гебрејесус.
СЗО оваа недела планира да свика состанок за да го процени напредокот во истражувањето за борба против болеста.
Гебрејесус потсети дека се заокружија шест месеци откако СЗО ги доби првите извештаи за група случаи на пневмонија од непознат причинител во Кина. Половина година оттогаш, како што рече, билансот е околу 10 милиони случаи на ковид-19 и 500.000 смртни случаи.