СЗО порачува „Не се откажувајте“ поради рекордниот број заразени

EPA/MARTIN DIVISEK

На глобално ниво забележан е најголемиот седмичен раст на случаите на зарази со Covid-19 досега, објави во четвртокот Светската здравствена организација (СЗО – WHO).

Според податоците на СЗО, во седум дена регистрирани се 9,5 милиони нови случаи на зараза со коронавирусот, што претставува раст од 71 отсто во однос на претходните седум дена.

Вистинскиот број новозаразени веројатно е уште поголем, поради помалиот обем тестирања во многу региони во светот и непотполноста на извештаите од некои држави, изјави генералниот секретар на СЗО, Тедрос Аденом Гебрејесус.

Бројот на заразите се удвоил во Северна и Јужна Америка, а во Европа пораснал за 65 отсто. Бројките се однесуваат на периодот од 27-ми декември до 2-ри јануари, кога во светот починале 41.000 луѓе со Covid-19. Од почетокот на пандемијата во јануари 2020 година, регистрирани се вкупно 5,4 смртни исходи и 289 милиони случаи на заразата.

Техничката директорка на СЗО, Марија фон Керкхов, предупреди дека поединците сѐ уште можат да влијаат на текот на пандемијата. Апелираше да се одржува физичката дистанца, прописното носење маски, проветрување на просториите и избегнување посетени места, а им советуваше на училиштата, компаниите и владините агенции да инвестираат во добри вентилациски системи.

„Не се откажувајте, задно ќе излеземе од оваа пандемија“, порача фан Керкхов.

Во СЗО повторно го критикуваа нерамномерното дистрибуирање на вакцините против Covid-19, истакнувајќи дека 90 земји немаат доволно дози за вакцинирање до 40 отсто од нивните жители.

„Нееднаквоста во пристапот до вакцините е убиец на луѓе и економијата, а го поткопува и глобалното економско закрепнување“, изјави Тедрос додавајќи дека ниските стапки на вакцинираност се глобална опасност, што го докажува појавувањето на позаразните соеви на вирусот.