СЗО требала порано да прогласи глобална вонредна состојба, извештај

Независна комисија од експерти во понеделникот во извештајот за глобалниот одговор на пандемијата на коронавирусот наведува дека кинеските фунционери можеле да воведат поостри здравствени мерки во ланскиот јануари и ја критикува Светската здравствена организација (СЗО – WHO) за тоа што дури на 30-ти јануари прогласила глобална вонредна состојба.

Експертската комисија предводена од поранешната новозеландска премиерка Хелен Кларк и од поранешната либериска претстедателка и нобеловка за мир Елен Џонсон Серлиф, во прелиминарниот извештај наведува дека „глобалниот систем за предупредување на пандемија не е соодветен на неговата целисходност“.

„Светската здравствена организација не била во можност да ја изврши работата“, се додава.

„Она што за комисијата е јасно е дека локалните и националните здравствени власти во Кина во јануари можеле да применат поостри јавноздравствени мерки“, се наведува во извештајот кој алудира на појавата на новиот коронавирус во градот Вухан во централната кинеска покраина Хубеи меѓу втората и третата седмица од декември 2019 година.

Комисијата во извештајот додава дека кога се појавиле доказите за пренесувањето на заразата од човек на човек, „во премногу земји бил игнориран тој сигнал“.

Се наведува, исто така, дека се поставува прашањето зошто Комисијата за итни случаи при СЗО не се состанала до третата седмица на јануари и не прогласила меѓународна вонредна ситуација до вториот состанок на 30-ти јануари 2020 година.

„Иако терминот пандемија не се користи ниту се дефинира со Меѓународните здравствени прописи (од 2005 година), неговата употреба служи за тоа да се насочи вниманието на тежината на здравствениот настан. СЗО овој израз го употребила дури на 11-ти март“, се нагласува во извештајот.

Стручната комисија повикува на „глобална обнова“ и наведува дека препораките ќе ги изнесе во конечниот извештај за министрите за здравство во мај.