СЗО: За една седмица смртноста од Covid-19 зголемена за над 20 отсто

Случаите на зараза со коронавирус во светот минатата недела се зголемија за осум проценти, а смртноста од Covid-19 се зголеми за 21 отсто, соопшти во средата Светската здравствена организација (СЗО – WHO).

Новопотврдените случаи се над 3,8 милиони, а смртните случаи од коронавирусот се повеќе од 69.000. Најголем раст на бројот на починатите има во Југоисточна Азија, Северна и Јужна Америка.

Во периодот од 19-ти до 25-ти јули, СЗО примила податоци за просечно 540.000 нови инфекции дневно, во споредба со 490.000 за претходната недела. Заклучно со 25 јули, во светот се регистрирани вкупно 193.657.729 случаи на инфекција и 4.154.660 починати пациенти.

На неделно ниво, инциденцата се намали во Африка (за девет проценти), Југоисточна Азија (за седум) и во Источен Медитеран (за четири отсто).

Зголемен број случаи е регистриран во Северна и Јужна Америка (за 30 проценти), во Западен Пацифик (за 25 проценти) и во Европа (за три проценти). Во Европа има намалување на бројот на смртни случаи (за еден отсто). Повеќе од милион луѓе се заразени, а над 7.000 починаа на Стариот континент во изминатата недела. Според СЗО, делта сојот е присутен веќе во 132 земји.