![Taci kosovo](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/03/Taci-kosovo.jpg?resize=650%2C358&ssl=1)
Косовскиот претседател Хашим Тачи му се заблагодари на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп за, како што вели, поддршката што ја дава на дијалогот меѓу Косово и Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Коментирајќи ја пораката на Националниот совет за безбедност (НСЦ) на САД, кој на својата страница на Твитер напиша дека „односите меѓу Србија и Косово се од големо значење“ за администрацијата на Трамп, Тачи изрази очекување дека ангажирањето на челникот на НСЦ Робет О‘Брајан и амбасадорот Ричард Гренел ќе придонесе за конечен договор меѓу Приштина и Белград.
– Уште еднаш благодарност до Доналд Трамп за поддршката на дијалогот меѓу Косово и Србија. Директното залагање на САД преку Роберт Ц. О‘Брајан и Ричард Гренел донесе една нова динамика на процесот и со нетрпение очекуваме негово завршување со скорешно меѓусебно признавање, напиша Тачи.
НСЦ синоќа на својот Твитер објави фотографија од средбата во Белата куќа на Тачи и претседателот на Србија Александар Вучиќ, заедно со О‘Брајан и Гренел, проследена со пораката за големото значење што за Вашингтон го има постигнувањето на договор меѓу Приштина и Белград.