Косовскиот претседател Хашим Тачи порача дека Косово до крајот на годината ќе формира своја војска, објавија во саботата белградските медиуми повикувајќи се на Радио-телевизија Косово (RTK).
За формирањето на косовската војска претседателот Хашим Тачи очекува силна поддршка и соработка од САД и од НАТО, вклучително и промена на Уставот на Косово како неопходен предуслов.
„Војската ќе биде воспоставена оваа година во соработка со НАТО и САД, а кабинетот на претседателот (на Косово) ќе го води овој процес во соработка со новиот министер. Ќе изградиме модерни, мултинационални, професионални и сигурни изгледи за членство во НАТО“, изјавил Тачи во интервјуто за RTK.
Уставот на Косово предвидува за формирање на косовската војска, освен мнозинските гласови, дека е неопходна двотретинска поддршка од малцинските пратеници во Собранието на Косово, што досега беше една од главните пречки за основање на косовската војска, покрај противењето на Вашингтон и Брисел кои сметаат дека тоа е избрзан чекор.
Дел од малцинските пратеници го прави и Српската листа, којашто со своите гласови застана зад новоизбраниот премиер Рамуш Харадинај, а нејзиното влегување во косовската влада го поддржа и официјален Белград и српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Дефинитивно очекувам дека војската ќе биде формирана до крајот на оваа година. Имаме можност за уставни промени и силна поддршка тоа да се случи“, изјавил Тачи./
Според властите во Белград, токму една од целите на пратениците на косовските Срби ќе биде да го спречат досега повеќепати најавување на формирањето на косовската војска.