Тачи: Со корекција на границата ќе се избегне поделбата на Косово

Ново прецртување на границите, со кои делови на Србија со мнозинско албанско население ќе станат дел од Косово ќе значи затворање на долгорочните тензии меѓу Белград и Приштина и ќе им овозможи да напредуваат кон членство во ЕУ, рече претседателот на Косово, Хашим Тачи.

Тој во интервју за Ројтерс изјави дека неговиот план за прекројување на границите ќе му го пренесе на претседателот на Србија, Александар Вучиќ кога ќе во сретнат во септември во Брисел во рамките на дијалогот под покровителство на ЕУ.

Сега е дефинитивно време да се корегира границата меѓу Косово и Србија која е долга околу 400 километри. Ова ќе помогне да се избегнат меѓуетничките проблеми и да се создаде еден вид на автономен регион, каков што е Република Српска, рече Тачи.

Ројтерс забележува дека Тачи не кажал што Србија би можела да добие во замена за откажување од дел од својата територија, на која според британската агенција, живеат околу 55.000 етнички Албанци, и додава дека Тачи ја отфрла можноста за поделба на Косово по етнички линии.

Со корекција на границите дефинитивно ќе се избегне поделба на Косово и размена на територии, нови кризи и проблеми, па дури и можна нова војна, рече Тачи.