Поранешната косовска министерка за евроинтеграции и главна преговарачка во дијалогот меѓу Приштина и Белград, Едита Тахири ја оцени како скандалозна изјавата на портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич дека „прашањето на рудникот Трепча треба да се реши со финалниот договор меѓу Косово и Србија“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Тахири за порталот „Калѕо“ оцени дека ваквата изјава на Коцијанчќ е „воено подбуцнувачка“, додека за високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини вели оти покажала дека застанала на страната на Србија и веќе не може да биде посредник во преговорите меѓу двете држави.
„Силно се спротивставувам на оваа скандалозна, воено подбуцнувачка изјава, од канцеларијата на Могерини, која покажува дека Могерини застана на страната на Србија, со што ја изгуби довербата дека може да биде неутрален посредник во дијалогот во Брисел. Ова не е став на ЕУ, туку само на некои тамошни службеници кои се на погрешен пат“, изјави поранешната главна косовска преговарачка со Белград.
Според неа, Могерини веќе не службува за ЕУ и работи на штета на земјите од Западен Балкан.
„Мислам дека прашањето во чија служба е Могерини е хипотетичко, бидејќи е јасно дека не ѝ службува на ЕУ, ниту пак ги штити принципите на ЕУ за Западен Балкан, каде што шест држави, вклучително и Косово, се на патот на евроинтеграциите“, изјави Тахири.
Според неа, алрамантно е непочитувањето од страна на канцеларијата на шефицата на дипломатијата на ЕУ на ставовите на земјите кои ја признаваат независноста на Косово.
„Не треба да заборават ниту Могерини, ниту Коцијанчич, дека 23 земји членки на Европската унија ја признаваат косовската држава, а само пет не ја признаваат. Алармантно е што Канцеларијата на Могерини не ги почитува ставовите на државите лидери во Европа, како Германија, Франција, Велика Британија…, кои се категорично против промената на границите меѓу Косово и Србија“, рече Тахири.
Денешната изјава на Коцијанчич за српските медиуми, по повод изгласувањето на Статутот на рудникот Трепча во Собранието на Косово, дека тоа прашање, „како и сите други отворени прашања меѓу двете држави, треба да се реши единствено преку финализација на дијалогот“ меѓу Косово и Србија, предизвика жестоки реакции во Приштина.
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај, како и претседателот на Собранието Кадри Весели, лидерот на опозицијата Иса Мустафа, вицепремиерот Енвер Хоџај и други косовски челници порачаа дека Трепча е внатрешно прашање на Косово, за кое апсолутно не може да се преговара со Белград.
Харадинај, како што јави МИА од Приштина, оцени дека, со ваквиот став кон Трепча, Брисел покажа дека „го изгубил патот во сопствениот двор“ и дека „очигледно се залага за поделба на Косово“.
Парламентарниот спикер, Весели порача дека „Трепча ниту била, ниту е, ниту пак ќе биде отворено прашање во дијалогот со Србија“. „Со овој јазик, ЕУ ги урива сите перспективи на дијалогот за добрососедство. Трепча е природно право на косовската држава“, напиша Весели.
Лидерот на најголемата опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово (LDK), Мустафа, оцени дека барањето за дијалог со Белград за Трепча е „апсурдно и неприфатливо, како што е неприфатливо со Србија да се води дијалог за границите и територијата на Косово“. „Вака како што тргнале (од ЕУ), еден ден ќе ни бараат и да не дишеме без за тоа да водиме дијалог со Србија“, напиша Мустафа на својот профил на Facebook.
Вицепремиерот и поранешен шеф на косовската дипломатија Енвер Хоџај рече дека е „шокиран од изјавата за Трепча на портпаролката на ЕК“. „Апсолутно е неприфатливо ЕУ да дава такви неодмерени изјави кои можат да му наштетат и на дијалогот со Србија. Националните ресурси на Косово не се дел од дијалогот“, напиша Хоџај на Twitter.