Талибанците им наредија на жените вработени во институциите во Кабул да останат дома

Талибанците им наредија на жените вработени во градските служби во Кабул да останат дома, а на работа можат да одат само оние кои не можат да бидат заменети со мажи, изјави денеска привремениот градоначалник на главниот град на Авганистан, Хамдулах Намони.

Ова е показател дека талибанците, кои го зазедоа Кабул пред еден месец, го спроведуваат во дело своето радикално толкување на Куранот, и покрај ветувањата дека ќе бидат потолерантни и поинклузивни отколку во претходното владеење.

За време на талибанската влада од 1996 до 2001 година, на девојчињата и жените им беше забрането да одат на училиште, да работат и да се појавуваат во јавност.

Во изминатите неколку дена, тие издадоа неколку уредби со кои се ограничуваат правата на жените во Авганистан.

На девојчињата им е наложено засега да не се враќаат во средните училишта, а ученичките ќе посетуваат настава одделно од момчињата, облечени според строги правила.

Неколку десетици жени денеска протестираа во Кабул, барајќи нивно учество во јавниот живот.

„Општество во кое жените не се активни е мртво општество“, пишуваше на еден од транспарентите кои ги носеа. Протестот траеше околу 10 минути, а по расправата со мажите, жените го напуштија собирното место.