Талибанците забранија принудни бракови за жени во Авганистан

Талибанските власти во Авганистан денеска соопштија дека ќе забранат присилни бракови за жени, што се смета за еден од предусловите меѓународната заедница да ја признае нивната власт и да ја обнови финансиската помош за земјата разурната од војна.

Указот беше издаден од талибанскиот лидер Хибатулах Акунзада, во време на широко распространета сиромаштија во Авганистан, која расте откако талибанците насилно ја презедоа власта во август, по повлекувањето на американските и НАТО трупите.

Откако талибанците дојдоа на власт, други земји ја прекинаа финансиската помош за Авганистан, која беше главен столб на економијата на земјата до ова лето.

Во декретот се наведува дека жените и мажите „треба да бидат еднакви“ и оти „никој не може да ги принудува жените да стапат во брак под принуда или притисок“.

Правата на жените значително се подобрија во изминатите две децении, за време на меѓународното присуство во Авганистан, но многумина сметаат дека се загрозени по враќањето на талибанците на власт.

За време на претходното владеење на екстремистичката група, од 1996 до 2001 година, на жените им беше забрането учество во јавниот живот и пристап до образование.

Присилните бракови станаа секојдневие во сиромашната, конзервативна земја, бидејќи внатрешно раселените ги мажат младите ќерки во замена за пари за да ги платат долговите и да ги прехранат семејствата.