Талибаните предупредуваат дека прекинот на преговорите со САД значи губење повеќе американски животи

Талибаните во неделата предупредија дека одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ги прекине мировните преговори кои долго во осум круга се водат во катарската престолнина Доха, ќе доведат до губење на уште повеќе животи на Американците во Авганистан.

„Американците повеќе од кој и да е друг ќе зажалат поради откажувањето на преговорите“, соопшти преку електронска пошата за медиумите, портпаролот на радикалното исламистичко движење Талибан, Забиула Муџахид.

Американскиот претседател Доналд Трамп на Twitter напиша дека тајните одвоени средби со талибанските лидери и авганистанскиот претседател Ашраф Гани би требало да се одржат во неделата во базата „Кемп Дејвид“, но дека се откажани. Како причина за тоа, Трамп го наведе признанието на талибаните дека стојат зад нападот во Кабул во кој е убиен еден амаерикански војник, покрај уште 11 други лица.

„Веднаш ја откажав средбата. Какви луѓе се тоа кои толку би убивале за наизглед да ја зајакнат својата преговарачка позиција“, напиша Трамп.

Во четвртокот во авганистанската престолнина Кабул, во напад со автомобил-бомба во близина на седиштетот на НАТО, беа убиени двајца странски војници, Американец и Романец. Вкупно во нападот беа пријавени дванаесет жртви.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека и покрај прекинот на преговорите, САД вршат притисок врз ралибаните и нема да ја намалат помошта за авганистанските безбедносни сили.

„Доколку талибаните не почнат да се однесуваат како што треба, доколку не го исполнат она за што разговараме веќе со седмици, па и со месеци, претседателот нема да го намали притисокот, нема да ја намалиме помошта за авганистанските сили кои тешко се бореа во Авганистан“, рече Помпое за телевизијата CNN.