Таравари: Без Левица имавме 61 пратеник, планот беше да падне Владата па да се договориме за ресори

Директорските позиции во Скопје сега треба да и’ припаднат на Алијанса за Албанците, имајќи предвид дека Алтернатива веќе влезе во Владата, рече градоначалникот на Гостивар и генерален секретар на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, во понеделникот вечерта во гостувањето во дебатниот магазин „Click Plus“ на телевизијата 21ТВ, и опиша како течеле разговорите за собирање потписи за рушење на владата.

„Тој ден, во четвртокот, имавме 61 пратеник без Левица. Ова ви го гарантирам. Имаше уште двајца пратеници, кои не можам да ги кажам со имиња. Ден пред тоа Кастриот Реџепи ми рече: ’Што побргу да падне оваа влада’. Што се случи во четвртокот видовме сите. Не овозможија да има дебата, па после гласање. Да дозволеа да има гласање сигурно ќе паднеше владата дури и без Кастриот“, рече Арбен Таравари.

Додаде дека планот бил да падне Вадата, па да се договори програма за новата влада како и да се договорат која партија кои ресори ќе ги води.

„Алтернатива се сега дел од централната власт. Тие ќе раководат со сериозни ресори и директорски позиции. Што се однесува до директорските места на локално ниво во Скопје, сметам и мислам дека треба да припаднат на Алијанса за Албанците. Но, да почекаме уште малку. Се надевам дека ќе имаме преговори наредните денови и ќе решиме што понатаму“, посочи Таравари.