Протестираме против евентуалното испраќање на Виктор Димовски како амбасадор во Франција и бараме претседателот Стево Пендаровски да ја повлече согласноста за негово именување – изјави денеска на прес-конференција в.д. претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари.
– Според информациите со кои располагаме, Димовски претходно го добил агреманот од француските власти но, неговото испраќање во Париз се одолжи поради внатрешните калкулации во владината коалиција за неговото заменување на чело на Агенцијата за национална безбедност – рече Таравари.
Процедурата за неговото именување смета првиот човек на АА, добила друга димензија после скандалот со Онишченко, каде што во центарот на настанот се наоѓа Димовски, кој доведува во прашање националната безбедност и го поткопува режимот на санкции на САД и надворешната политика на ЕУ.
– Оценувам дека Виктор Димовски е неподобен и недостоен кандидат за да врши дипломатски функции и да ја претставува земјата, и тоа, поради многу причини.
– Минатото на Димовски предизвикува загриженост кога станува збор за неговите блиски односи со Србија, истакнати од нашите американски партнери, а сега веќе познати и на јавноста.
– Како директор на Агенцијата за национална безбедност, Димовски е препознатлив по издавањето безбедносни сертификати на корумпирани лица и што се под истрага. Димовски ги пркрши основните права на повеќе од 20.000 граѓани на оваа земја, на коишто од страна на Агенцијата за национална безбедност арбитрарно им е ускратено правото за државјанство на Северна Македонија. Сосема иронично, со оглед на скандалот со Онишченко, на нашите граѓани често им беше одбиено државјанството под тоталитарно оправдување дека претставуваат опасност за државата. Потсетуваме дека оваа бројка од повеќе од 20.000 блокирани апликации од Димовски ја даде јавно премиерот Ковачевски – рече Таравари.
Тој побара од Претседателот Пендаровски да го отфрли указот на Димовски, зашто од него се очекува да го заштити државниот интерес и односите со сојузниците.
– Доколку сепак Димовски биде именуван, ги охрабруваме нашите француски пријатели да не го прифатат како амбасадор во Париз. Присуството на Димовски во дипломатскиот кор акредитиран во Париз би било навреда за Франција. Поединецот за кој станува збор е токму спротивното од она што го претставува Франција. Уште повеќе, сакам да верувам дека Франција нема да дозволи да биде користена како штит со доделување дипломатски имунитет на поединец вмешан во ваков скандал од меѓународни размери. САД го одбија Фрчковски, ЕУ ја одби Арифи, посакувам и се надевам дека Франција ќе го одбие Димовски, за да еднаш за сегогаш престане подбивањето со нашите главни партнери, без кои немаше да бидеме ниту во НАТО ниту во очекување на отварањето на пристапните преговори за ЕУ.