До крајот на неделава лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари чека одговор од премиерот Димитар Ковачевски дали се прифатливи нивните услови Алијанса да стане дел од Владата или ќе остане во опозиција, брифира за „Слободен печат“ висок функционер од партијата.
Ковачевски ќе треба да се изјасни дали бараните министерства ќе ги отстапи, како и за пакетот закони што како услов Tаравари ќе ги стави на маса пред премиерот. Вечерва Ковачевски треба да ги информира партнерите од коалицијата, предводена од СДСМ, а со претседателот на владиниот партнер Алтернатива Африм Гаши ќе се консултира откако ќе почнат преговорите со опозициската партија. И АА се очекува на Централно претседателство да го официјализира тимот за преговори со премиерот Ковачевски.
„До крајот на неделава очекуваме да добиеме одговор од премиерот Ковачевски за контурите на ресорите со кои ќе раководи Алијанса за Албанците ако стане дел од власта и за пакетот реформски закони, кои се наш услов за влез во Владата. Инсистираме да се донесат закони за конфискација на нелегално стекнат имот, како и да се спроведе ветинг во правосудството, политичарите, МВР и безбедносните служби и него да го спроведе посебна институција“, ни рече висок функционер на АА.
Според информации од Алијансата, за влез во Владата ги бараат на министерствата за правда, здравство и екологија, односно трите владини партнери СДСМ, Алтернатива и ДУИ да отстапат по еден ресор. И додека ресорите правда и екологија се фиксни, отворени се за разговор за министерството за здравство, бидејќи не сакаат да се најдат во ситуација Алијанса да ја брка Алтернатива од Владата. Во таков случај Алтернатива, која засега не отстапува ниеден од трите ресори, а во никој случај не сака да отстапи од здравство, ќе треба да се збогува од информатичко општество или ресорот за дијаспора.
Од СДСМ потврдуваат дека разговорите со Алијанса ќе се интензивираат. Ковачевски не прецизира дали на средбата ќе го отвори прашањето за проширување на владиното мнозинство, но можно е тоа да го сторат помалите владини партнери. Тој рече дека ќе го информира владиниот партнер Гаши за евентуален влез на АА во Владата кога ќе почнат конкретни преговори за кадровските и програмските определби.
„Разговарав со сите коалициски партнери и денес имам разговори со добар дел коалициски партнери за функционирањето на темите што се значајни за работењето на Владата, а кои се значајни за граѓаните. И со Алтернатива имам разговарано, со нејзиниот претседател Африм Гаши, но не сме разговарале за детали за влегување на нов партнер во Владата, бидејќи такви детали не се разговарани ни со потенцијалниот партнер, што го потврди и претседателот на Алијанса. Ние сме партии, вклучително и Алијанса за Албанците, за продолжување на европскиот пат на државата, но за програмски и кадровски детали немаме разговарано. Ако влеземе во конкретни разговори, тогаш ќе бидат консултирани и ќе разговараме со коалициските партнери, исто како што ги консултиравме кога Алтернатива влегуваше во Владата“, рече Ковачевски.
Од Алтернатива потврдуваат дека Ковачевски досега не зборувал со Гаши за можен влез на Алијанса во Владата, а дотогаш сите информации ги сметаат за медиумски шпекулации.
Паралелно со најавата за почеток на формалните преговори меѓу Ковачевски и Таравари, викендов се сретнале генералниот секретар на Алтернатива, Зеќирие Ибрахими, со еден од водачите на „огнените“ пратеникот и потпретседател на ДУИ Изет Меџити. Ибрахими за „Слободен печат“ ја потврди средбата и рече дека зборувале за позициите на Алтернатива и на “огнените“ доколку Алијанса стане дел од власта. Ибрахими вели дека на средбата засега не станало збор за обединување или заедничко дејствување на Алтернатива со „огнените“. Според порталот на албански јазик „Инфошќип“, на средбата Ибрахими рекол дека Алтернатива веќе не е подготвена да направи компромиси во врска со договорот Гаши – Заев од 2021 година, веројатно алудирајќи на можно напуштање на Владата ако им биде одземен ресор.