Таравари синоќа испрати инспекции на клиниките

По насока од министерот за здравство, Арбен Таравари, инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и претставници од кабинетот на министерот за здравство ночта во четвртокот извршиле вонреден инспекциски надзор во Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство, Ургентен центар, Трауматологија, Ортопедија и Институт за белодробни заболувања и туберкулоза, потврди во петокот Министерството за здравство.

Цел на надзорот биле одржување континуитет во одржувањето на општите санитарно-хигиенски и санитарно-технички услови во објектот, почитување на работното време, континуирана покриеност на приемните амбуланти за итни случаи, почитување на Законот за заштита од пушење, и контактирани по случаен избор пациенти во однос на етички и професионален однос на здравствените работници.

При надзорот на Клиниката за гинекологија бил констатирано дека општата санитарно-хигиенска состојба не е на задоволително ниво, а медицинскиот отпад не се селектирал прописно.

Во Ургентниот центар, на Ортопедија и во Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, општата хигиенско-санитарна состојба е релативно добра, за разлика од Трауматологија каде општата хигиенско-санитарна состојба не е на задоволително ниво, известуваат од Министерството за здравство и ддоаваат дека веднаш биле преземени мерки за отстранување на констатираните недостатоци.

„Ненајавените инспекциски надзори во скопските клиники ќе продолжат и во текот на викендот, како и во тек на следната недела. Предвидено е да се изврши надзор во сите универзитетски клиники, како и во други јавни здравствени установи низ државата. Целта е одблиску да се увиди состојбата во установите и да се донесат конкретни мерки, доколку се воочат определени недостатоци“, изјави Таравари.