Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари на прес-конференција, по повод Меморијалниот марш посветен на двегодишнината од трагедијата кај селото Ласкарци, посочи дека не се заборавени граѓаните кои го изгубија животот во оваа сообраќајна незгода.
Судскиот процес за овој настан се уште е во тек, а од шестемина обвинети никој не е осуден. На новинарско прашање дали има информации за судскиот процес за овој случај, Таравари истакна дека во хибридни режими никогаш нема разврска за вакви случаи.
-Во хибридни режими никогаш нема разврска за судски случаи. Во хибридни режими има разврска за судски случаи каде што се украдени 10 кебапчиња или на пазар нешто е украдено, или пак е даден поткуп 1000-3000 денари. Таму има судска разрешница веднаш, но за вакви случаи, посебно каде што има сомнеж дека сопствени на тие компании се и дел од партиите на власт , нема да има разрешница додека не се смени власта. Постои сомнеж дека акционери во тие компании се и високи функционери на ДУИ, вели Таравари.
Тој додава дека откако ќе се смени власта сигурно ќе има разрешница на овој случај.