Татко и син, како и уште еден малолетник се осомничени за активирање на бомбата во која пет деца се здобија со повреди.
Портпаролот на тетовската полиција, Марјан Јосифоски појасни за Нетпрес дека вчера се приведени татко и син, а денеска уште еден 15-годишен малолетник.
Вчера е приведен 46-годишниот Н.К. кај кого при претрес на домот во една од собите под креветот е пронајдена граната за рачен фрлач. Нешто подоцна, соопшти портпаролот Јосифоски, е приведен и неговиот 28-годишен син Н.К.
Портпаролот истакна дека во моментов се разговара со малолетникот кој во полициската станица дошол со родител.
Јосифоски рече дека сите тројца се сомничат дека се инволвирани во активирање на бомбата, а по расчистување на случајот ќе следи и соодветен поднесок.
Инаку, портпаролот на тетоската полиција додаде дека двете повредени девојчиња се оперирани на скопските клиники и дека едното од нив е во покритична состојба.
Експлозијата која го потресе Тетово се случи вчера попладне околу 16 часот и 45 минути, при што пет деца беа повредени, но се надвор од животна опасност.