ТАВ демантира: Аеродромот Скопје е постојано и целосно снабден со хигиенски средства

Ги демантираме наводите објавени од профили на поединци на социјалните мрежи кои одредени медиуми ги објавија, а во кои се тврди дека на Меѓународниот Аеродром Скопје нема сапун во тоалетите, објави во соопштение операторот со македонските аеродроми компанијата ТАВ

Имено, како што се истакнува во демантот на ТАВ испратен до медиумите, кои ги пренесоа односниот статус на фејсбук главно поради видеот материјалот, по налог на Министерството за здравство поголем број патници вечерва се задржани во изолиран дел на Аеродромот, при што поради зголемената потреба во тој тоалет сапунот во еден момент се потроши, но веднаш потоа беше дополнет на страна на нашите вработени.

„Во овие кризни времиња, ТАВ Македонија, како аеродромски оператор ги вложува сите ресурси со цел да обезбеди највисоко ниво на услугите, а хигиената е врвниот приоритет во услови на светска пандемија предизвикана од Коронавирусот.

Како што веќе објавивме, ги дезинфицираме површините на аеродромот три пати на ден, а покрај тоа тоалетите постојано се чистат и сапунот постојано се дополнува, согласно зголемените потреби.

Дополнително, за патниците имаме поставено и диспанзери со средство за дезинфекција на рацете.

Ја разбираме чувствителноста на темата и токму поради тоа правиме сè што е во наша надлежност со цел патниците да се чувствуваат безбедно. Ќе продолжиме да го правиме тоа се до последниот момент на работа, до утрешното затворање на Меѓународниот Аеродром Скопје, на полноќ во 23:59 часот“, се наведува во соопштението на ТАВ во кое уште еднаш се замолуваат медиумите за коректно информирање на јавноста.