Погребната поворка со телото на Нелсон Мандела пристигна денеска во селото Куну, каде Мандела го помина детството, а каде утре ќе биде погребан со највисоки државни почести, проследени со традиционални ритуали.
Поворката влезе низ портата на имотот на Мандела, следена со воени возила, додека надлетуваа хеликоптери.
Воениот авион со посмртните останки на починатиот поранешен јужноафрикански претседател Мандела, слета претходно денеска во покраината Источен Кејп.
Ковчегот со телото на Мандела, замотано во знамето на Јужна Африка, во придружба на два борбени авиони, е префрлено со авион до градот Мтата, каде го дочекаа ожалостени граѓани, меѓу кои и неговата вдовица Грејса Машел.
Посмртните останки на Мандела, кој почина на 5 декември на 96-годишна возраст, се префрлени порано денеска во воздухопловната база Вотерклуф, каде од него последен пат се прости раководството на владејачкиот Африкански национален конгрес (АНК), чиј лидер беше во почетокот на 90-те години.
Војската го предаде ковчегот со посмртните останки на АНК на свечена церемонија која во живот е пренесувана на јужноафриканската телевизија, а која ја предводеше досегашниот претседател на Јужна Африка, Џејкоб Зума.
Зума, чиј интегритет се оспорува поради обвинувањата за корупција, ја поздрави чесноста и посветеноста на Мандела кон единството, слободата, мирот и демократијата, и порача дека партијата мора да работи на создавање „нови луѓе како Мандела“.
Тридневното простување со Мандела е завршено вчера, а според податоците на јужноафриканските власти, од Мандела се простиле 100.000 жители на Јужна Африка.
Се очекува на погребот утре да присуствуваат околу 4.000 луѓе, во селото во кое Мандела пораснал и живеел по напуштањето на политиката, каде се погребани неговите три деца.
Уште еден легендарен борец за мир во Јужна Африка, Дезмонд Туту, инаку добар пријател на Мандела, нема да присуствува на погребот на Мандела, соопштено е денеска од канцеларијата на овој пензиониран англикански надбискуп, поради тврдењето дека тој не е повикан од политички причини.
„Надбискупот не е акредитиран претставник на свештенството за тој настан и затоа нема да присуствува на погребот“, изјави неговата ќерка Мфо Туту.
Неговиот помошник Роџер Фридман одби да ги коментира медиумските наводи дека Туту не е повикан на погребот на Мандела поради тоа што ги критикува АНК, изјавувајќи дека „во овој момент не е планирано тој да присуствува на погребот“.