Однесувањето на полицијата, а посебно на началникот од Битола, за време на неговото носење во притвор, наликувало на грчките полицајци од минатото, посочи единствениот македонски градоначалник во Албанија, Едмонд Темелко во неговото гостување во емисијата „Ја сакам Македонија“ на ТВ Сител.
Начинот на однесување на полицијата посебно на началникот на Битола наликуваше на, старите кај нас велат кокорофилак, а тоа е грчки полицаец од минатото, истакна Темелко.
Тој раскажа за голготата низ која поминал тој и неговото семејство кога полицијата му заѕвонила на вратата од неговиот дом.
Без да покаже ни налог ни ништо, ѕвони на вратата и излегува жена ми, кои сте вие праша жена ми, а од таму велат отвори, без да каже ни полиција ни ништо. Жена ми им ја турна вратата, се исплаши, вели кои се овие непознати луѓе. Почнаа да тропаат силно на вратата, а јас и викам кој сака нека биде отвори. После кажаа дека се полиција и извадија значка. Дури не ме оставаше ниту да се облечам, по мене идеше. Јас одам во купатило, тој по мене иде, јас му велам абе човек од трет спрат кај може да избегам, чекај ќе дојдам. -Ќе видиш ти, ќе видиш ти, само тој збор го повторуваше. Без никаков налог беше, а јас го прашав дали има или нема документ, како доаѓа да ме уапси, додаде Темелко.
Градоначалникот на Пустец потенцираше дека началникот му покажал само еден документ потпишан од Специјално јавно обвинителство на кој пишувало да се лиши од слобода.