Законодавците во американската сојузна држава Тенеси во вторникот усвоија закон со кој на наставниците во државата им се дозволува да носат скриен пиштол на училиште, додека противниците на иницијативата од галеријата гласно протестираа против тоа.
Нацрт-законот беше одобрен со 68 за насприти 28 гласови против во Претставничкиот дом на Тенеси, во кој доминираат републиканците. Државниот Сенат го усвои законот претходно овој месец.
Тенеси мина низ жестока дебата за законите за оружје по минатогодишното пукање во училиште во Нешвил во кое загинаа три деца и тројца возрасни членови на персоналот. Некои од демократите во Претставничкиот дом помогнаа во организирањето и водењето на протестите во главниот град, што доведе до нивно кусотрајно исклучување од законодавниот дом минатата година.
„Ова е ужасен ден за Тенеси, нашите деца, нашите наставници и нашите заедници“, напиша на социјалните мрежи Џастин Пирсон, демократ кој беше исклучен од Претставничкиот дом минатата година, по што е повторно изгласан. „Наместо да ги заштитат децата, тие ПАК ги заштитија пиштолите!
Републиканците и другите конзервативци честопати повикуваат на вооружување на наставниците како одговор на бројните престрелки во училиштата што се случија во САД во последните 25 години. Поддржувачите на овие мерки тврдат дека вооружените наставници ги одвраќаат потенцијалните стрелци во училиштата. Противниците, пак, велат дека оружјето во училиштата веројатно ќе доведе само до трагични случајни пукања.
Околу половина од сите американски сојузни држави им дозволуваат на наставниците или другите вработени во училиштата да носат огнено оружје на во просторот на училиштетот, според Правниот центар Гифордс, група за безбедност на оружјето.
Според законот на Тенеси, секое лице кое сака да носи скриен пиштол на училиште мора да заврши најмалку 40 часа обука во училишната полиција. Трошоците за обуката заедно со огненото оружје се на товар на поединецот.
Според предлог-законот, идентитетот на наставникот или член на персоналот што носи оружје нема да биде јавен. Директорите на училиштата мора да дадат одобрение за лицето да носи оружје, а началниците на локалната полиција мора да бидат информирани за идентитетот на носителот.