Информациите во грчките медиуми за нова средба на шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас на 12-ти април, ги потврдува лидерот на партијата Потами (Река) кој во понеделникот се сретна со грчкиот министер за надворешни работи во рамките на средбите на Коѕијас со челниците на партиите на кои ги информираше за винеските разговори минатата седмица.
Ставрос Теодоракис во интервју за државната телвизија ERT, повикувајќи се на она што го слушнал од Никос Коѕијас, рече дека следниот четврток ќе има нова средба, а доколку се’ биде во ред, тогаш случајот ќе премине во рацете на двајцата премиери.
„Имам веќе кажано дека април многу веројатно ќе го даде решението. На 12-ти месецов, како што ме извести господинот Коѕијас, тој ќе ја има следната важна средба со министерот за надворешни работи на ПЈРМ и ако помине оваа средба, сфаќам дека случајот ќе оди во рацете на двајцата премиери“, рече Теодоракис.
Во однос на позициите на партијата во разговорите за името, уште еднаш повтори дека Река се залага за решение кое паралелно ќе донесе и правни обврзувања за отстранување на иредентизмот.
„Ние сакаме решение за името и истовремено конкретни правни обврзувања за ослободување на соседите од иредентистички одредби и ставови и во Уставот и во учебниците, и во учебниците, затоа што е важно како се едуцираат децата. Ова му го кажав тоа на Коѕијас“, рече Теодоракис, пренесе МИА.