Тешка победа на Атлетико, Реал ремизираше кај Виљареал

Фудбалерите на мадридски Атлетико со тешка мака успеаја да го совладаат со 3:2 тимот на Еибар во третото коло од шпанското првенство, додека нивниот градски ривал Реал ремизираше на гостувањето кај Виљареал.

Еибар во Мадрид по првите дваесет минути имаше водство од 2:0, за кое заслужни беа Шарлес и Анаитз Арбиња кои беа прецизни во 7 односно 19 минута. „Јорганчиите“ до крајот на првото полувреме успеаја да намалат со голот на Жоао Феликс во 17 минута, за во второто во 52 минута да израмни Витоло, а Томас Партеи со голот на 90 минута му ја донесе победата на Атлетико кој сега со 9 бодови е на чело на Ла Лига. Еибар, пак е 18-ти со само еден бод.

Во последниот меч од колото Виљареал водеше двапати со головите Жерард Морено во 12 и Мои Гомез во 74 минута, а Реал се спасуваше во финишите на продолженијата на двете полувремиња. Прво за „Кралевите“ погоди Герет Бејл во првата минута од судиското продолжение на првиот дел, а Велшанецот погоди и во 86 минута по асистенција на Лука Модриќ кој влезе во игра на средината од второто полувреме. Бејл покрај двата гола не го заврши дуелот, зашто беше исклучен во четвртата минута од судиското продолжение.

Реал со второто реми и воведната победа собра пет бодови и е на 5-та позиција на табелата, а Виљареал покрај двете нерешени средби има и еден пораз и со трите бода е 16-ти.

Еспањол на својот терен беше декласиран со 0:3 од Гранада, за која стрелци беа Антонио Пуертас во 13, Карлос Феранндес во 68 и Рамон Азиз во 74 минута. Еспањол има само еден бод и е на претпоследното 19-то место, а Гранада е на осмата позиција со четири бодови.

Валенсија со двете егзекуции на најстрогата казна на Даниел Парехо, во 43 и 57 минута, ја победи Мајорка која се покажа како жилав гостин кој достојно му парираше на шпанскиот великан. За Валенсија ова е првата победа сезонава и покрај едното реми има 4 бодови со кои е на 11-то место, а беше прв пораз на новакот Гранада која има исто така четири бодови на 9-то место.