Тајландските специјални сили објавија нова видео снимка на децата кои десетина дена се заглавени во една пештера во северната провинција Чианг Раи. Сега главен проблем е како да се извлечат од сè уште поплавената пештера.
Децата на возраст меѓу 11 и 16 години за прв пат по десет дена јаделе висококалорична храна и имале медицински преглед.
Дванаесет деца и нивниот фудбалски тренер беа пронајдени живи во понеделникот, длабоко во поплавениот комплекс на пештерите Там Луанг.
Седуммина припадници на тајландските специјални сили остануваат со децата во внатрешноста на пештерата.
Роднините на момчињата изразија благодарност до спасувачите кога им беа прикажани новите снимки од пештерата.
Денеска е најдобриот ден што сум го имала досега. Го чекав син ми толку дена. Мислев дека има само 50 отсто шанси за преживување. Мило ми е што е сè уште жив и безбеден. Немам зборови, сакам да им се заблагодарам на сите што помогнаа, велат родителите.
Сега спасувачите треба да решат како најдобро да ја извлечат групата од пештерата која и натаму е поплавена. Голем проблем претставува тоа што децата се во слаба здравствена состојба.
Една од опциите која се разгледува е да се чека додека нивото на водата не се намали што би можело да потрае со месеци.
Исто така се разгледува и варијантата децата да добијат брз курс за користење на опрема за нуркање и за навигација низ поплавената пештера.
Заменик-претседателот на британскиот Совет за спасување во пештери Бил Вајтхаус смета дека операцијата за спасување во тајландската пештера би можело да потрае и неколку месеци.
Тој додаде дека тајландската влада почнала да подготвува намирници и други потреби за децата што назначувало дека ќе се чека на подобрување на временските прилики.
Според него, излегувањето од пештерата со нуркање било невозможно, ако не сте професионалец, со оглед на тоа што нуркањето до излезот можело да трае и три часа.
Едната трка е со времето дали може да се направи нешто за да се извлечат пред времето да се промени, но нуркањето е премногу опасно. Другата трка е да се снабдат со намирници, ако тие мора да останат таму, тие можат да останат таму во текот на монсуните. Тоа би можело да биде до септември, вели Вајтхаус.
Нуркачите ги најдоа децата на една карпа околу 4 километри од влезот во пештерата.
Децата исчезнаа по тренингот на 23 јуни, кога почнале да ги истражуваат пештерите во шумскиот парк.