Тетовец доби кривична за убиство во обид

СВР Тетово поднесе кривична пријава против М.Д. (31) од Тетово за убиство во обид, а судија во претходна постапка му определил мерка притвор од 30 дена.

Како што информираше денеска портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски, М.Д. е осомничен дека во тепачката што се случи во неделата околу 19:00 часот пред кафе барот „Биби“ во Тетово, со нож им нанел повеќе убоди на двајца браќа на возраст  од 38 и 50 години.

М.Д. уште во текот на денешниот ден, според Јосифовски, ќе биде пренесен во притворското одделение на затворот во Шутка.

Двајцата браќа поради сериозноста на здобиените повреди уште во неделата од тетовската клиничка болница беа префрлени на скопските клиники. Едниот, кој се уште е во животно загрозувачка состојба, се уште се наоѓа на болничко лекување, додека вториот по укажаната лекарска помош е пуштен дома.

– Против двајцата браќа, како и уште едното лице кое заедно со нив учествувало во тепачката со М.Д. полицијата поднесе пријави за учество во тепачка, рече Јосифовски.