Тетовскиот муфтија ги обвини челниците на ИВЗ за незаконско сменување и најави тужби

Тетовскиот муфтија Ќани Несими обвини на пре-конференција во вторникот дека раководството на Исламската верска заедница (ИВЗ) незаконски го разрешило од функцијата. Според образложението на Несими, тоа се случило на седница на ИВЗ на 8-ми ноември, а на негово место е поставен вршител на должноста.

„На седницата се прекршени повеќе точки од уставот на ИВЗ. Одлуката за именување на в.д. Муфтија е спротивна на член 30 став 1 од уставот на ИВЗ кој вели: ‘Неиздавање и повлекување на Мураселе го обврзува муфтиството во рок од 30 дена да предложи можни кандидати за муфтија’. Истата незаконска одлука воедно е спротивна и на член 29 став 1 од Уставот на ИВЗ која гласи: ‘Во Муфтиствата каде нема кадар според предвидените услови, се именува координатор’“, рече Ќани Несими.

Рече и дека писмено реагирал до водството на ИВЗ, оспорувајќи ја одлуката да се постави в.д. муфтија.

„Муфтиството Тетово на 8-ми ноември годинава писмено испрати едногласен донесен заклучок до Ријасетот и Реисул Улема дека неповикувањето на Муфтијата на ИВЗ – Тетово е директен атак врз самиот основен уставен орган на ИВЗ, и спротивно на член 34 став 1 точка 2 каде е дефинирано членството на Ријасетот, меѓу другите член на Ријасетот со право на глас и на одлучување е и Муфтијата проф. Др. Ќани еф. Несими единствен легитимен претставник на Муфтиството Тетово“, истакна Несими.

Несими најави дека ќе поднесе пријави до надлежните институции. Притоа Несими ги повика локалните и централните институции, но и странските амбасади да го разгледаат случајот со неговото незаконско разрешување, со цел како што рече да се испочитува уставот на ИВЗ.