Белоруската опозиционерка во егзил, Светлана Тихановскаја, го осуди интервјуто прикажано на белоруската државна телевизија со опозицискиот новинар, Роман Проташевич, кој беше уапсен откако авионот со кој патуваше присилно беше приземјен во Минск.
– Сите такви видеа се снимени под притисок. Ние дури не треба ни да им обрнуваме внимание на овие зборови, бидејќи тие се кажани под тортура. Задачата на политичките затвореници е да преживеат – изјави таа пред новинарите.
Агенциите потсетуваат дека основачот на каналот Телеграм Нектеа, Проташевич, кој во Белорусија е прогласен за екстремист, во интервју за државниот ТВ канал ОНТ изјави дека се изјаснил за виновен за организирање неовластени протести по претседателските избори.
– Отворено признавам дека бев еден од луѓето кои објавуваа повици да се излезе на улица на 9 август. Веднаш штом ми беа презентирани документите за обвинение, ја признав вината. Сфатив дека како резултат на пораките што ги објавив, меѓудругото, избувнаа неконтролирани немири и Минск со денови живееше во хаос – рече Проташевич во интервјуто на државната телевизија.
Новинарот, исто така, кажа дека учествувал во видео конференциска врска на заговорниците кои планирале пуч и атентат врз Лукашенко, но не разговарал за деталите за нивниот план. Според Проташевич, неговата улога била само да ја одржува комуникацијата меѓу нив и седиштето на Светлана Тихановскаја.
Блогерот истакна дека ја нарушил новинарската етика и „ги преминал сите граници“.
Откако изјави дека единствена желба му е во иднина да има нормален живот, без поголемо политичко учество и слични грешки, на крајот од 1,5-часовното интервју, Проташевич почна да плаче и го покри лицето со рацете. Неговиот крајно вознемирен изглед самиот го препиша на фактот дека „малку настинал“.
Таткото на 26-годишниот Дмитриј Протасевич за француските медиуми веќе изјави дека видеото е резултат на „злоупотреба, тортура и закани“.
– Јас многу добро го познавам мојот син и верувам дека тој никогаш не би рекол такви работи, рече тој. „Го скршија и го принудија да каже се што е потребно“ – рече тој и додаде дека го боли да го гледа интервјуто.