Тик Ток – кражба на векот или безбедносно прашање, а Трамп инсистира „Мајкрософт“ да го купи

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека не се спротивставува на потенцијалното купување на апликацијата ТикТок од страна на американска компанија. Сервисот сега е во кинеска сопственост. Трамп ја повлече заканата дека целосно ќе го забрани во САД.

Претседателот Трамп даде зелено светло „Мајкрософт“ да продолжи со аквизицијата на ТикТок, пишува и „Њујорк тајмс“. Во Белата куќа во понеделникот Трамп беше најавено дека овој сервис ќе се затвори на 15 септември, освен ако „Мајкрософт“ или некоја друга компанија не го купи. Во текот ва викендот главниот извршен директор на „Мајкрософт“ доби порака „продолжи“.

Инаку, „Мајкрософт“ и официјално потврди дека се во преговори со кинеската компанија „БајтДенс“ за купување на ТикТок. Американската компанија води итни преговори, со намера купопродажниот договор да се склучи најдоцна до 15 септември.

Кина се огласи со тврдење дека ваквите активности на САД се груба кражба на кинеската компанија која го поседува ТикТок.

Трамп изјави дека кинеската апликација „од безбедносни причини“ не може да се контролира и објасни дека не му пречи ако „Мајкрософт“ или друга, сигурна и „многу американска“ компанија би го купила ТикТок.

ТикТок има 100 милиони корисници во САД, анализира „Њујорк тајмс“. Се проценува дека сервисот вреди околу 50 милијарди долари. Ескепртите велат дека ТикТок може потенцијално да им конкурира на Фејсбук и на Гугл. Сервисот привлекува млада публика и станува толку моќен што Трамп се откажа од намерата да го забрани пред претстојните претседателски избори.