По отстранувањето на синоќешните блокади предизвикани од насилници кои очигледно сакаа да предизвикаат хаос, „Тиквеш“ во неделата продолжи со откуп на грозје од оние кооперанти кои согласно утврдената динамика беше планирано и беа повикани да го предадат грозјето во текот на вчерашниот ден.
Во информцијата за јавноста, од „Тиквеш“ истакнуваат дека се единствената винарница во земјата која и оваа година дефинирала највисока цена, ја почитува договорената цена за откуп на сортата „вранец“ од 13 денари за килограм и од 11 денари за „смедеревката“, како и дека се обврзале да откупат најголемо количество грозје досега.
Истовремено, „Тиквеш“, како што се потсетува, беше и првата винарница која на најтранспарентен начин ги објави цените и условите по кои ќе го откупува грозјето, при што точно го наведе и нивото на квалитет на грозјето што ќе го откупува.
„Винарницата и натаму останува на својата определба дека нема да прави никаков компромис со квалитетот на грозјето што го откупува, затоа што на тој начин се штити и интересот на оние над 2100 лозари со кои Тиквеш веќе има потпишано договори, а кои со макотрпна работа ги исполниле стандардите за квалитет на грозјето што им гарантира и многу повисока цена“, истакнуваат од ВВ Тиквеш.
Информираат и дека на незадоволните „пет до шест поединци“ кои синоќа го блокираа влезот во винарницата и со тоа го попречија откупот, а чие грозје не ги задоволуваше минималните критериуми за квалитет неопходен за произвдство на вино, од страна на раководството на „Тиквеш“ им било понудено да им биде преземено за преработка во вински дестилат, при што им беше понудена соодветна цена од осум денари по килограм која ќе им ги покриеше нивните основни трошоци.
„Но, и покрај тоа, ваквата понуда беше одбиена од нивна страна. Претходно токму тие поединци се обидоа да манипулираат со квалитетот на грозјето кое го донесоа на откуп, кое беше со многу понизок квалитет и шеќерност отколку примероците, кои согласно утврдената практика, претходно ги донеле за проверка“, се истакнува во соопштението за јавноста.
„Сметаме дека целта на ваквите манипулации со стандардите и правилата е исполнувањето на одредени лични и политички интереси. За жал, во оваа игра најголеми жртви се токму вистинските лозари, оние кои ги почитуваат сите стандарди и договори, посветено работат и произведуваат квалитетно грозје и кои, од страна на поединци и луѓе кои немаат никаква врска со вистинското лозарство и на кои тоа им претставува само хоби и средство за остварување на други цели, им беше оневозможено да го предадат своето грозје и за него да ја добијат вистинската вредност.
Но, и покрај сите опструкции од поединци и политички мотивирани групи, „Тиквеш“ ќе остане доследен во исполнување на својата долгорочна развојна стратегија која се темели на партнерство со вистинските лозари, преку почитување на светските стандарди за квалитет и на пазарните правила и механизми“, се додава.