Австриецот Доминик Тим се пласираше во финалето на Ролан Гарос откако во полуфиналето го совлада првиот тенисер во светот Србинот Новак Ѓоковиќ со 6-2, 3-6, 7-5, 5-7, 7-5 по дводневна борба која вкупно траеше четири часа и 20 минути.
Дуелот кој во петокот беше прекинат поради дождот при водство на Тим од 6-2, 3-6, 3-1, беше продолжен во саботата напладне и беше уште еднаш прекинат поради врнежите. Тим при резултат од 5-4 во петтиот сет пропушти две меч-топки, но остана стабилен и ја реализираше третата меч-топка во 12-та игра.
Поразот на Ѓоковиќ преставува прекин на неговата победничка низа на 26 натпревари на Грен-слем турнирите.
За Австриецот ова е трета победа во деветте меѓусебни соочувања со Србинот и втора во Ролан Гарос. Во 2016 година во полуфиналето на париската црвеница славеше Ѓоковиќ, кој потоа во финалето го победи Енди Мареј и ја освои досега својата единствена титула во Ролан Гарос. Но следната 2017-там, четвртфиналето му припадна на Тим.
Доминик Тим во финалето ќе се сретне со Рафаел Надал, кој во полуфиналето го совлада Роџер Федерер, па во недела ќе се обиде да стаса до 12-та титула на ткн Куп на мускетарите. Тоа ќе биде реприза од минатогодишното финале во кое славеше Надал, како и во 2017-та во полуфиналето и во 2014-та во второто коло.
Најдоброто достигнување на 25-годишниот Тим на другите Грен-слем турнири е четвртфиналето од Отвореното првенство на САД во 2018-та. Во рангирањето на здружението на тениските професионалци (АТП), Австриецот го зазема 4-то место со 13 АТП титули.