Ново судско рочиште за предметот „Титаник “ се одржува денеска во Основниот кривичен суд Скопје. Станува збор за предмет на поранешнто Специјално обвинителство и се однесува на изборни нерегуларности. Ова е прво рочиште по назначувањето на нов судија – поротник, откако Судскиот совет неодамна разреши двајца судии – поротници, кои беа дел од судечкиот совет на неколку предмети од поранешното СЈО, поради навршени 60 години возраст.
Случајот се наоѓа во фаза на доказна постапка и го води судијата Осман Шабани, додека обвинението го застапува обвинителката Лиле Стефанова. Во овој предмет првообвинет е поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, потоа обвинети се поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, поранешните министри Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, поранешниот пратеник Илија Димовски, и поранешниот градоначалник на Пустец Едмонд Темелко.
Тие се обвинети за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.