Изборот на нов лидер на СДСМ пред сериозен предизвик- само околу 3.000 членови до сега се регистрирале да гласаат на внатрепартиските избори, дознава Сител, додека членството на партијата брои нешто околу 80.000 социјалдемократи.
Според информациите кои ги доби телевизијата од висок паритски извор, членството е незадоволно од изборот на кандидати за наследник на Ковачевски, па шпекулациите во круговите на СДСМ се дека планиран е тивок бојкот на внатрепартиските избори.
Раководствата на општински организации оделе дотаму што ги убедувале членовите да не се регистрираат за гласање. Регистрирањето пак трае уште 5 дена, односно се затвора на 20 јуни.
Покрај апелите на социјалните мрежи за активна регистрација, неофицијално на членството им биле испраќани пораки за да се стимулира нивна активна регистрација.
“Почитувани членови на ОО СДСМ
Потсетуваме и замолуваме членовите кои сеуште не се пријавиле, да дојдете во просториите на општинската организација и да пополните и поднесете Пријава за активна регистрација за член за вонредните избори за Претседател на СДСМ.”
Портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски не кажа колку досега се регистрирани да гласаат за нов лидер на СДСМ, но вели бојкот нема- изборите ќе се одржат во фер и демократска атмосфера.
-Поделбата на крила во СДСМ е постојана слика, па така и пред овие внатрепартиски избори, скопското крило според информациите на Сител е најкритично. Стојат на ставот дека не треба да се брза со избор на ново раководство, бидејќи според нив е потребен кадровски дисконтинуитет на претходното раководствио, со оглед на тоа што сметаат дека структурата околу поранешниот лидер Зоран Заев според изворите е најголемиот виновник за епскиот изборен пораз на СДСМ, објави Сител.
Па така, за кандидатот за лидер Венко Филипче што е еден од најблиските соработници на Зоран Заев, осамна транспарент “Венко (Заев) за вас вратата е затворена”, пред партиските простории во општина Аеродром. Набрзо потоа од партијата демантираа и кажаа дека друга политичка структура стои позади транспарентот, a не СДСМ.
Но превирањата во партијата се пренесуваат и во пратеничката група на СДСМ во Парламентот. Околу носењето на законот за реорганизација, пратениците блиски до Заев сакале да го поддржат со образложение дека и Владата на СДСМ уште пред 7 години подготвувала сличен предлог, но немале 2/3 мнозинство да го донесат. Според наши извори, на ова се спротиставил координаторот на пратеничката група Оливер Спасовски, бидејќи според него било недозволиво да се даде поддршка после критиките за молчењето на пратениците на СДСМ на конститутивната седница, анализира Сител.
Новиот лидер на СДСМ ќе се бира на 30 јуни. Ковачевски на минатите внатрепартиски избори беше избран со нешто над 37.000 гласови, односно 86% од активно регистрираните членови.