Министерот за здравство, Никола Тодоров, во Крива Паланка истакна дека доколку на претстојните парламентарни избори го дадете вашиот глас за ВМРО-ДПМНЕ, ќе дадете поддршка за отворање на нови 64.000 работни места, во најмлаку 30 новоотворени фабрики во земјава.
Тодоров потенцираше дека владеачката партија цели кон освојување 63 пратенички мандати кои и се потребни на Македонија за реализација на новата програма со 2.046 проекти.
– Еден од нив е и проектот кој се однесува на млади лица до 29 години што завршиле високо образование. Овој проект предвидува на овие лица им се олесни патот од завршувањето на факултетот односно на високото образование и преминот до вработувањето. Проектот е замислен на тој начин што кај овие лица е предвидено да се субвенционира нивното вработување преку придонеси во период од три месеци, потоа работодавачот да има обврска да ги задржи на работа во наредните шест месеци, појасни Тодоров.
Тодоров потенцираше дека со овој проект ќе се работи на намалување на невработеноста кај младите лица посебно на лицата до 29 години и посебно на младите лица кои имаат завршено високо образование.
– Со новата четиригодишна програма предвидени се и инвестиции во образованието, со набавка на 300.000 таблет компјутери, во здравството со градбата на новиот кличнички центар во Скопје и клиничкиот центар во Штип, а комплетно ќе се реконструира и здравствениот дом во Крива Паланка, чија обнова веќе е отпочната, истакна Тодоров.
Проектот за отпишување на долгови на граѓаните е еден од позначајните проекти во програмата, нагласи Тодоров, а инфраструктурата и во наредните четири години ќе биде приоритет на владеачката коалиција.
Тодоров и караванот придружуван од кандидатот за пратеник од Крива Паланка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Слаѓана Митовска и пратеникот во Собранието Владимир Ѓорчев продолжи на средби со жителите на повеќе населени места во Кривопаланечко.