Во рамки на програмата на ВМРО-ДПМНЕ, каде шт се поместени 2.046 проекти, 79 се од областа на здравството, а ќе имаат за цел унапредување на здравствената заштита на сите граѓани, рече денеска Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ.
„Изминативе денови во секое населено место од Република Македонија кое го посетив, во секој поголем или помал град и во секое село во Република Македонија, со особена гордост пред граѓаните имав можност да ја презентирам нашата нова Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ 2014 – 2018. Оваа програма содржи вкупно 2046 проекти, од кои 79 се од областа на здравството. Со оваа програма предвидуваме општ напредок на нашата земја во сите сфери и ресори, особено со отворањето на предвидените 64 илјади нови работни места и со намалување на стапката на невработеност на ниво од околу 22 отсто. Оваа програма е нашата визија за претстојниот период, преточена во зборови, а во наредните четири години овие зборови ќе ги преточиме во дела“, рече Тодоров.
„Во оваа прилика, би сакал да споменам неколку од проектите од областа на здравството кои се содржани во делот од програмата со наслов „Здравје во секој дом, здравје за секој граѓанин“. Со реализирањето на предвидените проекти, ние навистина ќе ги опфатиме сите категории на граѓани, со цел унапредување на здравствената заштита на ниво на целата држава. Меѓу вкупно 79 проекти од областа на здравството, го предвидовме и проектот Развој на центри за палијативна грижа. Центри за палијативна грижа во моментов постојат во Скопје и во Битола, но состојбата во практиката укажува на потребата од отворање на ваков тип на центри и во другите градови во Република Македонија, имајќи го в предвид фактот на стареење на населението и се поголема потреба од ваков вид на центри во државата. Предвидуваме отворање на ваков вид на центри во поголемите градови во Република Македонија како што се: Штип, Тетово, Гостивар, Куманово, Прилеп, Струмица и Охрид, во постојните болнички капацитети ќе одвоиме од 5 до 10 кревети кои ќе бидат наменети за палијативна грижа“, рече Тодоров.
Со секој наведен проект од областа на здравството во оваа Програма, рече тој, со секој прецизиран буџет или рок на реализација на проектот, ние се обврзуваме дека во оптимално време и со оптимални средства и ресурси ќе овозможиме здравствена заштита каква што заслужуваат нашите граѓани.
„Само со ваквиот пристап кон граѓаните, ќе можеме потоа гордо и достоинствено да дадеме и отчет за сработеното, знаејќи дека сме им ги овозможиле сите можни придобивки од реализираните проекти“, додаде тој.